Хашкиот Меѓународен резидуален механизам соопшти дека нема да биде извршена обдукција на телото на генералот Ратко Младиќ, кој во четвртокот почина во притворската болница во Хаг на 84-годишна возраст.
Холандските надлежни органи веднаш по неговата смрт ги започнале стандардните процедури предвидени со холандското законодавство. Од Хаг потврдија дека нема да биде покрената кривична истрага, ниту ќе биде извршена обдукција.
Сепак, претседателката на Механизмот, судијката Грасиела Гати Сантана, наложила сеопфатна истрага за околностите околу смртта на Младиќ. За спроведување на истрагата бил задолжен судијата Ијан Бономи.
Бономи отпатувал во Хаг и започнал со работа, при што ја посетил Притворската единица на Обединетите нации и затворската болница каде што бил сместен Младиќ.
Од Механизмот наведуваат дека истрагата е во тек, а дополнителните детали засега остануваат доверливи.
Хашките власти соопштија и дека се во редовен контакт со семејството на Младиќ, вклучително и во врска со прашањата поврзани со преносот на неговите посмртни останки.
Текстот Хаг потврди: Нема да има обдукција на телото на Ратко Младиќ е превземен од МАКФАКС.














