Безживотното тело на маж било извлечено за време на спасувачката акција во југоисточниот дел на Кипар, откако поради силното невреме три чамци се насукале на карпи, а спасени се пет лица, од кои двајца се повредени, јави дописничката на МИА од Атина.
Спасувачката акција била во Каво Греко, познатиот ’рт на југоисточниот брег на Кипар, во близина на приморскиот град Аја Напа и ја спровела Центарот за координација на пребарување и спасување на Кипар, со два хеликоптери и спасувачки единици од полицијата и противпожарната служба.
Биле извлечени вкупно шест лица кои биле во опасност откако три пловила, поради силното невреме и разбрануваното море се насукале на карпите, а два од чамците биле целосно уништени.
Од спасените, пет биле извлечени со хеликоптер, двајца од нив се во добра здравствена состојба и по укажаната прва помош, биле пуштени, две лица се хоспитализирани, додека пак еден, кој бил извлечено во бессознание бил пренесен во болница, каде што била потврдена неговата смрт.
Додека пак едно лице било спасено од полицајци и е во добра здравствена состојба.
Според кипарските медиуми, загинатиот е познатиот кипарски бизнисмен Димис Мавропулос од Лимасол, кој во 2000 година го основал „Историски и класичен музеј на автомобили“.
Невреме со силен ветер, дожд, на места и град денеска зафати делови на Кипар и создаде проблеми во снабдувањето со електрична енергија, на патната инфраструктура, но и во авиосообраќајот.
Од удар на гром, беше повреден 45-годишен маж од Шри Ланка, кој со изгореници бил пренесен во болница и е во добра здравствена состојба.
Според портпаролот на противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис, до 18 часот поради невремето, примиле вкупно 357 повици за помош од кои мнозинството биле од поширокиот регион на Никозија, а се однесувале на спречување пожари, несреќи, спасување животи, испумпување вода од објекти, отстранување предмети и заштита на имотот.
Најсериозен бил случајот со дете заглавено под тенда на тераса од стан на четврти кат од зграда, кое било успешно спасено од спасувачките екипи, без повреди.
Поради невремето, вкупно 11 летови еден до аеродромот во Пафос и десет во Ларнака биле пренасочени, а проблеми и доцнења имало и во полетувањата од двата кипарски аеродроми.
Преку официјалниот систем на цивилната заштита за предупредување на населението CY-Alert, до граѓаните низ целата земја беше испратена порака со која беа информирани за невремето и зголемената опасност од поплави.
– Избегнете ги непотребните движења и за ваша безбедност останете дома. Информирајте се и следете ги упатствата на надлежните органи, пишуваше во пораката.
Текстот (Видео) Еден загинат и двајца повредени во невремето на Кипар е превземен од МАКФАКС.














