Забраната за користење мобилни телефони во средните училишта во Франција ќе стапи на сила со почетокот на учебната 2026 година, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
„Заштитата на децата од опасностите што ги носат екраните повеќе не може да чека. Училиште без телефони значи враќање на мирот неопходен за учење“, напиша Макрон на платформата X.
Мерката, која ја иницираше францускиот претседател, доаѓа по забраната за користење мобилни телефони во основните и пониските средни училишта, која во Франција е на сила уште од 2018 година.
Министерот за образование Едуар Жефре изјави дека забраната може да се прилагодува во зависност од локалните околности.
Сепак, претставникот на синдикатот на директори на училиштата SNPDEN-UNSA, Франсоа Рене, оцени дека училиштата не се подготвени за спроведување на мерката и го критикуваше времето избрано за нејзино воведување.
Во циркулар објавен на 2 јули, заедно со прирачник за спроведување, средните училишта добија инструкции да се подготват за мерката, која парламентот ја усвои кон крајот на јули.
За да ја спроведат забраната, училиштата ќе мора да ги изменат своите интерни правилници. Тој процес бара консултации со повеќе тела, меѓу кои ученичкиот парламент и училишниот одбор.
Многу средни училишта не успеале да ја завршат постапката пред почетокот на учебната година, бидејќи за време на летниот распуст биле затворени.
Текстот Oд оваа учебна година забранети мобилните телефони во средните училишта во Франција е превземен од МАКФАКС.














