Демократската унија за интеграција (ДУИ) го обвини Влен дека со учеството во Владата и политичкото партнерство со партии и функционери кои, според нив, го величаат Ратко Младиќ, носи политичка одговорност за нивните ставови.

Од ДУИ велат дека Младиќ не може да биде предмет на релативизирање или поинаква историска интерпретација, посочувајќи дека тој е осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

„Ратко Младиќ не е фигура за дебата или историска интерпретација. Тој е осуден воен злосторник со доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, одговорен, меѓу другото, за геноцидот во Сребреница“, наведуваат од ДУИ.

Партијата особено го посочува Иван Стоилковиќ, министер за локална самоуправа и дел од владината коалиција, како и неговите политички ставови кон настаните во Сребреница.

Од ДУИ тврдат дека ваквите ставови не се изолиран случај, туку дека станува збор за поширок политички однос кој, според нив, Влен го прифаќа преку своето учество во Владата.

„И што прави Влен? Се однесува како да е невладина организација или опозициска партија“, велат од ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека реагира дури откако ќе се крене јавноста, наместо да преземе одговорност како дел од владејачкото мнозинство.

ДУИ во соопштението го поврзува случајот и со односите на актуелната власт со политички структури од Србија и Република Српска. Од партијата го споменуваат и Милорад Додик, за кого велат дека во Македонија бил пречекан и покрај неговите, како што наведуваат, „антиевропски и проруски говори“.

Од ДУИ посочуваат и на економски и енергетски партнерства со структури од Србија и Република Српска, меѓу кои ги наведуваат Алта Банка, договорите во енергетскиот сектор и проектите за гасификација.

Според ДУИ, величењето на осудени воени злосторници од страна на политички партнери на Влен не треба да се гледа како изолиран инцидент, туку како дел од, како што тврдат, политика на „молк, толеранција и потчинување“ заради одржување на власта.

„Влен повеќе не може да се крие зад реакција на Фејсбук. Молкот пред величењето на геноцидот е толеранција, а толеранцијата во власта е соодговорност“, се наведува во соопштението.

ДУИ заклучува дека политичката одговорност за постапките и ставовите на владините партнери не може да се избегне со формални реакции, бидејќи, според нив, Влен е директен учесник во владејачката коалиција.

Текстот ДУИ: Влен не може да се крие зад реакција на Фејсбук, молкот за величењето на геноцидот е соодговорност е превземен од МАКФАКС.