Скандалот во Психијатриската болница „Бардовци“ се продлабочува. Компанијата „Индиго Инц“ ДООЕЛ Скопје, поврзана со братучедот на директорот Иса Авдулаи, добила дури пет тендери од болницата откако тој ја презеде функцијата директор на институцијата, изјави Арта Билали Зендели од ДУИ.

Таа вели дека првиот тендер, кој бил потпишан на 15 октомври 2024 година, само три месеци откако Авдулаи бил именуван за вршител на должноста директор, го носи дури и потписот на самиот директор. Спордд неа, договорот бил во вредност до 600 илјади денари.

„Потоа, „Индиго Инц“ добила уште четири тендери, меѓу кои и овогодишниот тендер за ИТ-системи и лиценци, во вредност до 2,59 милиони денари, односно околу 42 илјади евра. Сопственикот на компанијата, Бесим Авдулаи, е братучед на директорот Иса Авдулаи – семејна поврзаност која самиот директор ја има признаено. Ниту фактот што сопственикот ја променил раководната функција во компанијата непосредно пред првиот тендер не ја брише нивната семејна поврзаност“, рече Билали Зендели.

Таа истакна дека ДУИ бара целосна истрага од Антикорупциската комисија, Бирото за јавни набавки и надлежните институции за сите пет постапки: критериумите, понудите, учесниците и начинот на избор.

„Не е доволна изјавата дека постапката била „законска“ или дека директорот не бил дел од комисијата за избор. Кога компанија семејно поврзана со раководителот на јавна институција добива пет тендери од истата институција, целосната транспарентност и проверка на постапките се обврска, а не избор. ВЛЕН не може да се крие зад зборот „законски“. Законитоста мора да се аргументира со документи. Јавните пари не се семејна сопственост. „Бардовци“ не смее да се претвори во семеен бизнис на ВЛЕН“, рече Билали Зендели и додаде дека ДУИ бара целосна транспарентност, институционална истрага и одговорност.

Текстот ДУИ: Не еден, туку вкупно пет тендери за братучедот на директорот на ВЛЕН во „Бардовци“ е превземен од МАКФАКС.