Screenshot

Додека цените на храната растат, студентскиот оброк останува замрзнат на 140 денари дневно. И тоа не е прашање на добра волја на Владата, туку на законска обврска. Член 2 од Законот за субвенциониран студентски оброк јасно предвидува дека износот треба да се усогласува согласно инфлациската стапка по секоја фискална година, пред донесувањето на Буџетот за следната година. Последното зголемување беше уште во 2023 година – од 120 на 140 денари. Оттогаш цените продолжија да растат, а студентскиот оброк остана ист, реагираат од Либерално-демократската младина.

„Во превод: државата ја признава инфлацијата кога собира повеќе пари преку даноци и повисоки цени, но ја заборава кога треба да им даде повеќе на студентите.

Денес со 140 денари студент треба да обезбеди пристоен оброк, додека секој што влегол во маркет, пекара или менза знае колку реално вредат тие пари. Не може Владата да зборува за „младите како иднина“, а истовремено да штеди токму на нивниот оброк. Инфлацијата не смее да се пресметува само на каса – мора да се пресметува и во студентската поддршка“.

Либерално-демократската младина, најавуваат од таму, ќе ги искористи расположливите правни и институционални механизми за да побара одговор зошто законската одредба за усогласување не се спроведува доследно и кој ќе понесе одговорност за тоа.

Ова, како што велат, не е борба за неколку десетици денари. „Ова е прашање дали во Македонија законот важи и за Владата.

Студентите не бараат луксуз. Бараат она што им следува по закон и оброк што одговара на реалните цени во 2026 година. Ако растат цените – мора да расте и студентскиот оброк“.

Текстот ЛиДеМ: Владата го почитува Законот само кога ѝ одговара, студентите секој ден ја плаќаат инфлацијата од сопствен џеб е превземен од МАКФАКС.