Screenshot

Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов денеска оствари средба со Александар Појразов, претседател на Сојузот на Здруженијата на Македонците во Италија, од Пјаченца и директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, Горан Ангелов.

На средбата стана збор за проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани во остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување во Република Италија и во Македонија, како и за начините за нивно надминување.

Претседателот на Сојузот, Појразов рече дека голем број на осигуреници имаат проблем поради тоа што размената на податоците се одвива споро, по пошта, се чека со месеци, а се случува истите и да не стасаат на одредената адреса. Исто така, Појразов додаде дека тешкотии има и во доставувањето на потврдите за живот и за потврдувањето на стажот на осигурениците во двете држави.

„Фондот е отворен за соработка и преземање на активности за подобрување на комуникацијата во размената на податоците од оваа област помеѓу Македонија и Италија, со цел подобро остварување на правата на осигурениците, што е во интерес на двете држави“, нагласи директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.

Тој рече дека службите во Фондот ќе ги разгледаат сите законски можности за да се најде решение на проблемот со размената на податоците.

Според директорот Мемов, најдобриот начин за тоа е потпишување на Договор за електронска размена на податоците со Фондот за пензиско и социјално осигурување на Република Италија во наредниот период.

Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов рече дека ќе помогнат во остварувањето на соработката и директните контакти со иселениците и надлежните институции во Италија. Во тие рамки ќе бидат договорени посети на македонските иселеници во Италија, чиј број е над 150 илјади граѓани.

Посетите ќе бидат реализирани до крајот на годинава или почетокот на идната, 2027 година.

Фондот на ПИОСМ има склучено билатерален Договор со организациите за социјално осигурување на Република Австрија, како и договори со Фондовите и заводите за пензиско и инвалидско осигурување на поранешните југословенски републики.

Текстот „Размената на податоците од пензиското и инвалидското осигурување помеѓу Македонија и Италија треба да се подобри и модернизира“ е превземен од МАКФАКС.