Румер Вилис, ќерка на актерот Брус Вилис, одлучи да направи генетско тестирање откако на нејзиниот татко му беше дијагностицирана деменција. 38-годишната актерка вели дека е важно за неа да има што е можно повеќе информации за сопственото здравје бидејќи, како што рече, „информацијата е моќ“.
Најстарата ќерка на холивудската ѕвезда сакаше да провери дали е изложена на зголемен ризик од развој на слични здравствени проблеми, со оглед на семејната историја на болеста.
Брус Вилис има пет ќерки. Со поранешната сопруга Деми Мур ги има Румер, Скаут (35) и Талула (32), додека со сегашната сопруга Ема Хеминг Вилис ги има Мејбл (14) и Евелин (12). Семејството на актерот објави во 2023 година дека тој страда од фронтотемпорална деменција (FTD), една година откако се пензионираше од глумата поради дијагноза афазија.
Румер објасни дека одлучила да се тестира бидејќи сакала подобро да ги разбере можните ризици што произлегуваат од нејзината генетика.
„Понекогаш е страшно да се добијат одговори. Очигледно, во моето семејство постојат одредени генетски предиспозиции. Не само деменција, туку и членови на семејството кои имале рак на дојка и други здравствени проблеми“, изјави таа за People.
Тестирањето го направила во соработка со здравствената платформа Function, која нуди повеќе од 160 различни лабораториски тестови, скенирања и други здравствени проценки. Меѓу нив, таа го направила генетскиот тест APOE, кој може да покаже одредени фактори поврзани со ризикот од развој на Алцхајмерова болест.
„Мислам дека кога имате информации, тоа е моќ. Звучи малку како нешто од Спајдермен, но кога знаеме дека можеби сме посклони кон нешто, можеме активно да работиме на намалување на воспалението во нашите тела, да се грижиме за здравјето на нашето срце и да правиме што можеме“, рече таа.
Таа додаде дека следењето на различни здравствени индикатори ѝ помага подобро да го разбере своето тело и да донесува поинформирани одлуки.
Румер ги сподели и своите резултати на Инстаграм, зборувајќи конкретно за нејзиниот ризик од Алцхајмерова болест. „Мојот резултат е три или четири, што е прилично просечен. Тоа значи дека постои одреден ризик, но не е алармантно“, објасни таа.
Актерката додаде дека овој вид информации ѝ дава чувство на контрола врз сопственото здравје. „Овие тестови ви овозможуваат да имате свои информации за вашето здравје“, рече таа.
Румер, исто така, зборуваше за тоа како се справува со болеста на нејзиниот татко, признавајќи дека ѝ недостасува таткото што некогаш бил. „Ми недостасува поинаква верзија од него“, рече таа.
„Има денови кои се навистина тешки. Се обидувам да бидам тука за него и да го прифатам таков каков што е. Навистина е охрабрувачки да научам да се справувам со двете работи истовремено“, додаде таа.
Семејството на Брус Вилис отворено зборуваше за неговото здравје во последниве години, а неговата сопруга, Ема Хеминг Вилис, споделуваше новости и се обидуваше да ја подигне свеста за деменцијата.
Во јуни, таа се појави во подкастот The Bossticks, каде што се осврна на една од вообичаените заблуди за болеста. „Кога луѓето прашуваат: „Дали се сеќава кој е?“, одговорот е да, се сеќава, бидејќи нема Алцхајмерова болест, туку има FTD. Мислам дека многу луѓе помислуваат на губење на меморијата кога ќе го слушнат зборот деменција“, објасни таа.
Текстот Ќерката на Брус Вилис направи генетски тест по дијагнозата на татко ѝ и ги откри резултатите е превземен од МАКФАКС.
















