Забраната за употреба на мобилни телефони во средните училишта во Франција ќе стапи на сила на почетокот на учебната 2026 година, објави денес претседателот на земјата, Емануел Макрон.
„Заштитата на децата од опасностите што ги претставуваат екраните не може повеќе да чека. Училиште без телефони значи враќање на мирот неопходен за учење“, додаде францускиот претседател на платформата Икс.
Оваа мерка, која ја иницираше претседателот на Франција, следува по забраната што е во сила во основните и средните училишта од 2018 година, објавува дневниот весник „Ouest France“.
„Забраната може да се прилагодува од случај до случај, во зависност од локалните околности“, рече министерот за образование Едуар Жефре.
Претставникот на синдикатот на директори на училишта SNPDEN-UNSA, Франсоа Рене, сепак, рече дека училиштата не се подготвени за оваа мерка, критикувајќи го лошиот тајминг.
Во циркуларното писмо објавено на 2 јули, со кое беше доставен и прирачник, средните училишта беа упатени да се подготват за спроведување на мерката усвоена од парламентот на крајот на јули.
За да се спроведе забраната, училиштата, сепак, мора да ги променат своите внатрешни прописи, што бара консултации со неколку тела, вклучувајќи го ученичкиот парламент и училишниот одбор, пренесува Танјуг. Многу средни училишта не успеаја да го завршат овој процес пред почетокот на учебната година, бидејќи беа затворени за време на летниот распуст.
Текстот Макрон: Забрана за мобилни телефони во средните училишта е превземен од МАКФАКС.















