Скопската полиција синоќа санкционирала 262 возачи во рамки на засилена акциска контрола во сообраќајот, со посебен акцент на мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли. Од нив, 102 санкции се изречени на возачи на мопеди и мотоцикли, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во периодот од 18:00 до 01:00 часот, припадници на Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје извршиле засилени контроли на повеќе локации во градот.
Од вкупно 102 санкции за возачи на мопеди и мотоцикли, дури 93 се однесуваат на управување мотоцикл без заштитна кацига. Четири мерки се изречени за управување со несоодветна категорија, а пет за управување без положен возачки испит.
Полицијата изрекла и дополнителни 160 мерки за други сообраќајни прекршоци, меѓу кои за неносење возачка дозвола, неносење сообраќајна дозвола, неистакнати регистарски таблици и минување на црвено светло.
„Во текот на изминатата вечер во периодот од 18:00 до 01:00 часот Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје спроведоа зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот со посебен акцент на преземање мерки за мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли, при што се санкционирани 262 возачи“, се наведува во соопштението на МВР.
Во текот на контролата, привремено бил одземен и еден мотоцикл поради истечена важност на регистрацијата подолго од шест месеци. Дополнително, шест лица биле лишени од слобода поради сомнение за кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, а до сите учесници во сообраќајот упатуваат апел за доследно почитување на правилата и прописите, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
Текстот Скопската полиција удри по мотоциклистите: 262 казнети, 102 санкции за мопеди и мотори е превземен од МАКФАКС.


















