Министерството за правда на Турција побара израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да биде ставен на меѓународната листа на барани лица под обвинение за геноцид, објави денес турскиот министер за правда Акин Гурлек.
Според него, потребната документација поврзана со барањето е доставена до Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи на Турција.
Постапката се однесува на нападот во меѓународни води врз активистите на флотилата „Глобал Сумуд“, која пловеше кон Појасот Газа со хуманитарна помош.
Гурлек изјави дека Нетанјаху е обвинет за злосторства против човештвото, геноцид, намерно нанесување повреди, тортура, оштетување на имот, грабеж, кражба на автомобил и незаконско лишување од слобода.
„На никаков начин не ја прифаќаме идејата дека администрацијата на Нетанјаху, која ја спроведува политиката на геноцид во Газа, е недопирлива и не може да биде повикана на одговорност“, рече Гурлек во објава на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека Турција нема да дозволи злосторствата извршени во Газа да бидат прикриени, ниту сторителите да бидат заштитени од одговорност.
Овој потег на Анкара доаѓа во време на понатамошно влошување на односите меѓу Турција и Израел.
Поранешниот израелски премиер и министер за одбрана Ехуд Барак го критикуваше Нетанјаху еден ден претходно за неговите односи со Турција, велејќи дека влошувањето на ситуацијата со Анкара е неодговорно.
Неговата изјава следеше по израелскиот воздушен напад на 18 август врз сириската воздухопловна база Абу Духур, во близина на Алепо и турската граница, пренесуваат свтеските медиуми.
Текстот Турција бара меѓународна потерница по Нетанјаху е превземен од МАКФАКС.














