Бугарија ги засили безбедносните мерки во воздухопловната база Безмер по извештаите дека Иран разгледува можни напади врз американски воени цели во југоисточна Европа, вклучително и оние во Бугарија.
Бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, изјави дека се преземени сите можни мерки за заштита на базата во координација со Министерството за одбрана. Тој додаде дека мерките се прилагодени на ниво на закана кое е значително повисоко од она што моментално го проценуваат бугарските безбедносни служби.
„Постојано ја следиме ситуацијата и развојот на настаните и ќе продолжиме да преземаме превентивни мерки кои се значително пообемни и поинтензивни од нивото на закана што го покажуваат информациите што ги имаме во моментов“, рече Демерџиев.
Реакцијата на бугарските власти следеше откако „Фајненшл тајмс“ објави, повикувајќи се на два извори блиски до иранскиот режим, дека иранските сили ја проценуваат можноста за напад врз американските воени објекти во југоисточна Европа доколку американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го ескалира конфликтот со Иран.
Меѓу потенцијалните цели е Бугарија, која минатиот месец одобри користење на базата Безмер од страна на американските авиони за полнење гориво. Во извештајот се споменува и Кипар како можна цел.
На 22 јули, бугарскиот парламент одобри распоредување на до осум американски авиони за полнење гориво KC-135 и до 250 американски војници во базата Безмер.
Распоредувањето ќе трае од 24 јули до 1 октомври и ќе служи за поддршка на американските операции на Блискиот Исток. Одлуката е донесена по барање од амбасадата на САД во Софија.
Бугарскиот премиер Румен Радев претходно нагласи дека авионите се наменети исклучиво за логистичка поддршка и полнење гориво во воздух надвор од бугарскиот воздушен простор и дека од бугарска територија нема да се спроведуваат борбени операции на Блискиот Исток.
Безбедносните тензии доаѓаат откако разговорите меѓу САД и Иран се заглавени по меморандумот за разбирање потпишан во јуни, кој требаше да го отвори патот за крај на војната и поширок договор.
Во исто време, разговорите меѓу Иран и Оман за режимот на навигација во Ормутскиот теснец се во тек, но засега без конечен договор.
фото/Depositphotos
Текстот Бугарија ја засилува безбедноста на воените бази поради можни ирански напади е превземен од МАКФАКС.














