По светската премиера на документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал, меѓународните медиуми продолжуваат со пофалбите. Први објавија „Варајати“ и „Синеуропа“ (која за филмот вели дека „го прогонува гледачот“) и бројни регионални медиуми, но интересот за филмот не стивнува. Напротив, објавени се нови критички осврти и текстови посветени на филмот.
Од САД и Италија, до Србија, Босна и Данска, „Добри луѓе“ продолжува да предизвикува размислувања за сведоштвата на преживеаните од трагедијата во Кочани, за жртвите и хероите, но и за специфичниот, воздржан и радикално минималистички пристап на Манчевски кон документарното раскажување.
Данската критичарка Туе Стин Милер пишува: „Ми недостасуваат зборови да пишувам за овој документарец од македонскиот мајстор Манчевски. Ова е филм кој остана во мене поради начинот на кој е направен. Монтажата е направена така што создава драматургија: истите млади луѓе ни зборуваат, а нивните реченици се прекинуваат, за потоа да продолжат во следните, условно кажано, поглавја, кои елегантно се прелеваат едно во друго. Емпатија и љубов. Ви благодарам!“
Италијанскиот новинар Адриано Еколани за Прoџето Италиа Њуз под наслов „Двојниот чин на отпор на Милчо Манчевски“ вели: „Манчевски замина за Кочани еден месец по трагедијата, не за да ја раскаже приказната за катастрофата, туку да ја слушне. Резултатот е аскетски документарец: преживеаните и спасувачите зборуваат пред неподвижна камера, без наратор, а авторот останува дискретно во втор план.
Поуката, која ги надминува границите на Балканот, е дека сведоштвото — она на преживеаните од Кочани, но и она што Манчевски го даде пред институциите — останува единствениот чин што моќта никогаш не може целосно да го стави под контрола. Манчевски им упатува директен совет на младите филмски автори, кои се плашат да проговорат за корупцијата: останете верни на својата уметност, но знајте дека единствениот начин мирно да спиете е да го кажете она што го мислите, дури и кога цената е висока.”
Новинарката Амра Екмечиќ рече: „Немам вистински зборови да го опишам она што го чувствувам откако го видов „Добри луѓе“. Би била среќна да не сте го снимиле овој филм, сите тие луѓе да се сè уште со нас. Но, бескрајно ви благодарам за начинот на кој го направивте филмот и за тоа што на сите ни вративте зрно надеж дека добри луѓе постојат. Отсекогаш мислев дека луѓето се проблемот, а со овој филм докажавте дека луѓето се и решението.“
Емануеле Бучи вели: „Прекрасен, радикален, полн со човечност, речиси трансцендентен во својата суштинска едноставност“.
Во неговиот осврт во Фрејмд магазин пишува: „Гледањето на „Добри луѓе“, би можело да ги вознемири дури и обожавателите на македонскиот режисер (добитник на „Златниот лав“ и номиниран за „Оскар“ за „Пред дождот“). Не само поради ужасната приказна што ја раскажува, туку и затоа што овојпат режисерот, работејќи на овој филм, радикално се преиспитува себеси, пред сè од формален аспект. Тука нема да ги најдеме сложените игри со различни временски слоеви, жанровското преплетување или мрачната иронија карактеристични за другите дела на Манчевски. Негова цел, при реконструкцијата на потресните часови на пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, била приказните на преживеаните и сведоците да ги раскаже на аскетски, минималистички начин, дозволувајќи им ним да зборуваат, наместо тој да ја раскаже нивната приказна. Тоа не значи дека погледот и поетиката на Манчевски не излегуваат на површина од таквиот пристап, сведен на најнеопходното. Напротив, „Добри луѓе“ е еден од филмовите во кои најјасно доаѓа до израз постојаната определба на режисерот да поаѓа од луѓето (или ликовите, кога станува збор за фикција), наместо од каква било естетска, етичка, општествена или политичка елаборација на нивното искуство. Тука, оваа позиција на слушање станува уште понагласена и порадикална, давајќи ни портрет на една заедница соочена со ужас, чие евоцирање далеку ги надминува границите на новинарското известување“.
Ивана Вељковиќ за Српске Новине пишува: „Филмот на Милчо Манчевски е направен во период кога луѓето обично молчат, а токму молкот е методот околу кој режисерот го изградил целиот филм. Манчевски го ставил настрана својот најпрепознатлив потпис – испреплетените временски линии и приказните што се затвораат во круг – и наместо тоа избрал аскетски пристап: монолози, лица, текст на екран и многу малку музика. Кратко и без украси. Режисерскиот пристап овде всушност е одбивање на пристапот. Филмаџиите се учат да ја засилуваат емоцијата, вели Манчевски, а во овој случај тој намерно го направил спротивното. Тоа е естетски избор што носи ризик: филм без засилување лесно може да го изгуби ритамот. Она што го држи филмот е монтажата, начинот на кој сведоштвата се распоредени за од поединечните приказни да се изгради поширока слика, во комбинација со доследната одлука авторот да остане надвор од кадарот“.
Во Камо сутра авторот вели: „Милчо го интересирале луѓето. Не сензацијата. Не политичката интерпретација. Не манипулацијата со емоциите. Како што вели, овој филм е документ, но без политика и пропаганда, искрен обид искуствата на луѓето да бидат пренесени онака како што навистина ги доживеале. Манчевски зборува за потребата да научиме да ја препознаваме добрината кај луѓето што нè опкружуваат“.
Александра Држаиќ за српски „Данас“ во нејзиниот осврт за филмот под наслов „Филм за трагедијата во Кочани после кој во салата владееше штама” вели: „Добри луѓе почнува речиси спротивно од она што гледачот го очекува. На екранот се кочанските оризови полиња, кадар од воздух, кој изгледа речиси нереално убаво. Нема пожар, нема чад, нема паника. А потоа, боите почнуваат да исчезнуваат. Филмот влегува во просторот на сеќавањето преку лицата на луѓето, кои ја преживеале трагедијата, преку родителите кои ги загубиле своите деца и преку оние кои во ноќта на пожарот влегувале во клубот за да се обидат да ги извлечат другите. „Добри луѓе“ не се обидува да ја реконструира ноќта на 16 март низ спектакл на катастрофата. Нема инсистирање на самиот пожар, ниту потреба гледачот одново да го гледа она што веќе го знае. Манчевски повеќе го интересира моментот во кој човекот сфаќа дека би можел да умре. Или моментот кога, и покрај стравот, тргнува кон опасноста за да спаси некој друг. Идејата беше повторно да се пренесе чувството, емоцијата, но покрај тоа и да се регистрира настанот. Но не настанот како пожар, како оган, како катастрофа, туку искуството на тие луѓе додека биле во таа толпа, додека мислеле дека ќе умрат или додека влегувале внатре за да спасат некого. Затоа филмот речиси целосно му верува на човечкиот глас“.
Уредничката Александра Ќук од „Данас“ вели: ”Лицата и зборовите на луѓето од филмот и понатаму непрестајно ми се вртат во глава. Мозокот се обидува да го процесира и да создаде претстава за тој буквален пекол во кој се нашле тие луѓе и за кој зборуваат.”
Италијанскиот „Лучи сула шчене магазин“ вели: „Камерата исчезнува за да им дозволи на преживеаните да проговорат”.
Филмот е финансиран лично од Манчевски, без учество на Агенцијата за филм или државата, а сите приходи одат за Кочани.
Македонската премиера ќе биде на 23 август на фестивалот „Македокс“ во Скопје.
Текстот „Ми недостасуваат зборови… македонски мајстор” – меѓународните медиуми полни фалби за „Добри луѓе“ на Манчевски е превземен од МАКФАКС.















