Во основното училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар во општина Аеродром се доградуваат три нови училници кои треба да овозможат едносменска настава за сите ученици. Инвестицијата е поддржана од Министерството за образование и наука во вредност од 2,2 милиони денари и треба да биде завршена за три месеци. Увид во градежните работи денес извршија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Дејан Митески.

„Две години се заложуваме за воведување на едносменска настава во сите општини и училишта кадешто тоа е возможно. Придобивките се повеќекратни – децата ја започнуваат наставата наутро, кога се повеќе концентрирани за учење. Се задржуваат подолго на училиште и треба да се задржуваат, бидејќи имаа 900 часа помалку од нивните врсници до 15 годишна возраст. Повеќе се социјализираат што е важно особено за мултиетничките средини и училишта и се заштедуваат средства при работењето на училишните објекти“, рече министерката Јаневска, додавајќи дека досега концептот го прифатиле над 200 училишта.

Посочи дека Владата дава поддршка на општините овој процес да се забрза, преку проширување на капацитетите на постојните училишни објекти.

„Во моментов инвестираме во доградба на училници во 6 училишта, а едно од нив е токму ова. Во меѓувреме се изработуваат, а дел се и изработени, вкупно 15 проекти за доградување училници во други училишта и активностите на терен етапно започнуваат отприлика од ноември месец годинава, а сите треба да бидат започнати до пролетта следната година“, нагласи министерката.

Градоначалникот на Аеродром, Митески информираше дека сите училишта во општината интензивно се подготвуваат за стартот на новата учебна година. Пристигнати се учебниците за сите ученици и ќе им бидат распределени на првиот училишен ден, а четвртоодделенците ќе добијат и таблет уреди кои веќе неколку години наназад се обезбедуваат од страна на локалната самоуправа и општинскиот буџет.

Текстот Се доградуваат училници во ОУ „Александар Македонски“ во Аеродром, инвестицијата ќе овозможи едносменска настава е превземен од МАКФАКС.