Обвинителството да постапи дали бомбата кај вработениот во МВР врзан со кумот на Мицкоски води до провизии од 300.000 евра за тендери, побара Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Свиркачи до нас доставија шокантно видео кое го објавивме. Бомба е фрлена во домот на Милко Бошковски во Бардовци. Настанот се случил пред два дена, во недела, на 16 август. Кој е Милко Бошковски? Вработен во МВР, во отсек за организиран криминал. Бошковски е директно поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски. Негов личен пријател и според нашите информации близок соработник. Ова не е обичен безбедносен инцидент. Прашањето е зошто се крие од јавноста овој настан? Која е позадината?“, рече тој.
Тој го обвини министерот Панче Тошковски дека глуми експерт за вода, за хиперхлорирање, за чистење водоводи и дека не си ја работи својата работа.
„Каде е да каже зошто кај вработени во МВР и поврзани со кумот на премиерот Мицкоски се фрлаат бомби? Информациите кои свиркачите ги доставија до нас водат до основани сомненија дека причината е нереализиран бизнис дил со провизии.Јавно го повикуваме Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери овие наводи и основани сомнежи и да одговори: Дали е во прашање провизија – мито од 300.000 евра за бизниси и тендери? Каде требало да завршат 300.000 евра? Дали има некаква врска со тендери во РЕК и со градежно атрактивно земјиште во Скопје? Панче Тошковски да одговори со што се занимаваат неговите вработени? Дали е точно дека истиот овој полициски службеник бил и претходно пријавен во Јавно обвинителство за барање мито од 200.000 евра од поранешен градоначалник“, рече Димитријевиќ.
Текстот (Видео) Димитријевиќ: Дали бомбата кај вработениот во МВР води до провизии од 300.000 евра за тендери? е превземен од МАКФАКС.


















