Четирите џез вечери на фестивалот „Охридско лето“ изминаа во знакот на извонредни уметници, врвна музика и полни гледалишта.
Честа да ја затвори џез програмата синоќа на Долни Сарај ја имаше бендот „Киото“ од Велика Британија кој го сочинуваат наградуваниот пијанист и автор на музика Рохан Хит и Лу Роудс. Нивната музика го отслика заедничките музички искуства и навлезе длабоко во значајни животни теми.
Музиката без граници ја одбележа уште една незаборавна џез-вечер на „Охридско лето“.
Завчера, Питер Сомуа и неговиот состав ѝ подарија на фестивалската публика енергично музичко доживување, во кое топлиот звук на трубата се сретна со џезот, африканските ритми и современите музички влијанија.

Со својата интернационална музичка приказна, Питер Сомуа уште еднаш покажа дека џезот навистина е универзален јазик – способен да ги поврзе културите, континентите и луѓето.
Истата вечер, Сомуа и неговиот бенд , по завршувањето на концертот, фестивалската сцена на Долни Сарај им ја отстапија на Нубаја Гарсија и нејзиниот состав – Лајл Бартон, Макс Лутерт и Сем Џонс. Тие ја поведоа фестивалската публика низ современ музички свет во кој џезот се преплетува со класичната музика, дабот, R&B и афро-карипските влијанија.

Со својот препознатлив звук и енергија, Гарсија уште еднаш покажа зошто е една од највозбудливите фигури на современата британска џез-сцена.
На 14 август, за љубителите на овој жанр музика, концерти одржаа Националниот џез оркестар кој ја претстави својата исклучителна концертна програма „Македонски сновиденија“ – енергична фузија од македонски фолклор и современ џез. Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот приреди магично музичко патување, инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, прераскажани преку слободниот јазик на џезот. Специјалниот гостин, трубачот Питер Сомуа од Гана, ѝ даде дополнителна енергија на вечерта, внесувајќи го својот препознатлив звук и африканските музички влијанија во оваа впечатлива музичка приказна.

Dine Doneff и „Storytales“, заедно со Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис, ја поведоа публиката низ имагинарен свет од балади, приспивни песни, приказни и обредни мотиви инспирирани од македонското народно поетско наследство.
Преку препознатливиот авторски јазик на Doneff, во кој се среќаваат балканската традиција, слободната импровизација, џезот и современата музика, „Storytales“ ја претвори личната приказна за идентитетот и меморијата во универзално музичко доживување.

Честа да ја отвори џез програмата на „Охридско лето“ ја имаше македонскиот гитарист и композитор Крсте Роџевски кој живее и работи во САД. Тоа беше вечер исполнета со авангарден звук, византиска традиција и современ џез. Во црквата „Света Софија“, Роџевски заедно со неговиот ансамбл Христијан Моневски, Дамјан Палоски, Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски ја претставија концертната премиера на „Orthodoxia Kai Thanatos“ – проект во кој византиското пеење се сретна со експерименталниот и слободен џез, создавајќи уникатен музички јазик.

Според директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, воведувањето на џез програмата претставува природно проширување на фестивалската понуда и одговор на интересот на публиката за различни музички жанрови, без притоа, како што вели, да се наруши основниот концепт и идентитет на фестивалот кој полни 66 години важи за една од најголемите и на реномираните музичко-сценски манифестации во регионот.
Текстот Извонредни уметници, врвна музика и полни гледалишта на џез вечерите на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.

















