Бројот на потврдени случаи на западнонилска треска во Македонија се зголеми на 34, откако се регистрирани уште три нови случаи, соопшти Центарот за јавно здравје.
За првпат оваа сезона вирусот е детектиран и кај жител на Арачиново, каде што, според епидемиологот Љуљзиме Бајрами, постојат услови за размножување на комарците поради канали, базени и застојани води.
Најголем број случаи досега се регистрирани во општините Кисела Вода и Аеродром, а речиси половина од вкупниот број се поврзани со населбата Драчево.
„Нов случај денеска имаме во Арачиново, првпат таму е детектиран случај. Има канали, базени, застојани води и можеби тоа е причината. Постојат услови за размножување на комарците“, изјави Бајрами.
Таа посочи дека наредната година треба порано да започне дезинсекцијата, како и да се направи анализа за евентуална отпорност на комарците на средствата што се користат, за навреме да се променат доколку тоа е потребно.
Текстот Нов случај на западнонилска треска во Арачиново е превземен од МАКФАКС.


















