Голем пожар избувна денеска во областа на Сивири и Фурка на алкидики, а поради брзото ширење на огнот грчките власти издадоа повеќе пораки преку системот 112 за евакуација на населението и посетителите.
Пожарот избувнал во ниска вегетација, но силниот ветер придонел за негово брзо ширење. Според најновите информации од грчките медиуми, пламените јазици стигнале до првите куќи во Сивири, а има и информации за изгорени објекти.
Пожарникарските сили дополнително се засилени. Во гаснењето учествуваат околу 125 пожарникари, три пешадиски групи и 41 возило, додека од воздух дејствуваат повеќе противпожарни летала.
Преку системот 112 се испратени повеќе пораки. На лицата во Сивири најпрво им било наложено да се оддалечат кон Мола Калива, додека жителите и посетителите во Фурка биле повикани да се упатат кон Скиони. Потоа следела и порака за оддалечување од Сивири кон Касандрија.
Пожарот се гасне и од воздух, а на терен се ангажирани и општински служби. Ситуацијата останува тешка поради силниот ветер и близината на огнот до населените места.
Во меѓувреме, во Фурка е евакуиран и хотел во кој престојувале деца од Украина, кои со автобус биле префрлени на безбедна локација.
Текстот (Видео) Пожар на Халкидики: Евакуирани Сивири и Фурка, пламените јазици стигнале до куќи е превземен од МАКФАКС.


















