Screenshot

Скопје се подготвува за уште една вечер за паметење! Во сабота, 12 септември 2026 година, од 20 часот, Паркот на франкофонијата ќе биде епицентар на четвртото последователно издание на традиционалниот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, кој годинава се одржува во духот на големиот јубилеј – 50 години од формирањето на Општина Центар.

Општина Центар и понатаму е единствена општина што преку овој настан недвосмислено ја застапува и поддржува домашната култура, ангажирајќи исклучиво македонски уметници и музички изведувачи. Преку оваа традиција во фокус остануваат промоцијата и поддршката на македонската музичка сцена и домашниот автентичен звук.

Годинава на настанот ќе учествуваат гигантите на домашната урбана сцена. Публиката ќе има ретка можност да ужива во ексклузивниот скопски настап на популарното дуо „Дупер“, а енергијата до максимум ќе ја издигнат Слаткар, еден од највлијателните хип-хоп артисти на нашите простори, како и хитмејкерите 2 Бона. Покрај нив, сцената ќе ја збогатат и извонредните вокали Лина Пејовска и Барбара Поповиќ, известува Општината.

Диригентската палка на целовечерната програма ќе биде во рацете на омилениот и незаменлив македонски актер Сашко Коцев. Со својот препознатлив хумор, непосредност и уникатен шарм, Коцев ќе се погрижи за атмосферата меѓу настапите и ќе ја води публиката низ сите изненадувања на оваа јубилејна вечер, велат од Општина Центар.

„Овој хепенинг е подарок за сите жители на Центар и Скопје – вечер посветена на заедништвото, позитивната енергија и поддршката на нашите музички таленти“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Текстот Четврто издание на традиционалниот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ е превземен од МАКФАКС.