Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот профил на Фејсбук се осврна на состојбата со струмичките земјоделци и нивното незадоволство од ниската откупна цена на ајварската пиперка, притоа упатувајќи јавно прашање до актуелните носители на политички и јавни функции.

Поврзувајќи ги барањата на земјоделците за достоинствена откупна цена и подобри услови за егзистенција со животниот стандард на политичарите, Велковски праша како пратениците, министрите, замениците, директорите и градоначалниците го поминуваат месецот со своите официјални плати и од што всушност живеат.

„ЈАВНО ПРАШАЊЕ ДО ПОЛИТИЧАРИТЕ
До актуелните пратеници, министри, заменици, директори и градоначалници…
Како го истерувате месецот со вашите официјални плати, како врзувате крај со крај?
Дали навистина живеете од платата што ја добивате од граѓаните, или таа плата ви е само формалност, додека вистинските приходи доаѓаат од разно-разни хонорари, бизниси, фирми, фотоволтаици, шпедиции, државни тендери, субвенции, берзи-зделки и продажба на националното богатство?
Додека вие размислувате како да го оправдате луксузот, струмичките земјоделци со денови се на улица и блокираат патишта, револтирани од понижувачката откупна цена за макотрпно произведената ајварска пиперка со мизерни 25 денари за килограм, принудувајќи ги луѓето да се борат за гола егзистенција и достоинствен пласман, прашањето до вас останува едноставно:
Од што живеете?
Од платата?
Овој класен и социјален контраст во државата е преголем и веќе неодржлив.
Потребно ни е итно општествено единство ,,НАЦИОНАЛЕН МИНИМУМ “.
На сите наши сограѓани им посакувам убава, успешна и мирна работна недела.“