Борово дрво падна врз туристи на плажата Балустрада во Цриквеница, Хрватска, јавува „Вечерњи лист“. Повредени се две деца и две возрасни лица.
Според информациите од надлежните служби, ниту едно од повредените лица не е животно загрозено, а тие се пренесени во Клиничкиот болнички центар Риека.
Уште неколку лица со полесни повреди биле згрижени на местото на настанот.
Од Полицијата на Приморско-горанската жупанија потврдиле дека пријавата за паднато дрво на плажата пред хотел во Цриквеница ја примиле околу 11:10 часот.
„На местото на настанот веднаш се упатени полициски службеници и останатите служби, полицијата и пожарникарите“, соопштија од приморско-горанската полиција.
До пристигнувањето на интервентните служби, луѓето кои се нашле под дрвото успеале сами да се извлечат од под гранките.
Според информациите на порталот 24сата, станува збор за бор висок околу 13,5 метри, кој наводно се скршил во самиот корен.
Во моментот на падот на дрвото, во тој дел се наоѓале хрватски и чешки државјани со деца. Станува збор за вкупно осум возрасни лица и четири деца, поради што е голема среќа што инцидентот не завршил со потешки последици.
Текстот Дрво падна врз туристи на плажа во Хрватска, повредени четири лица е превземен од МАКФАКС.

















