Млад турист од Македонија се здобил со тешки повреди на вратните пршлени за време на престој во Кушадаси, Турција. Тој со владиниот авион утре ќе биде транспортиран во земјава.
„Министерството за здравство информира дека е обезбеден итен медицински транспорт за млад пациент од Македонија, кој се здобил со тешки повреди на вратните пршлени за време на престој во Кушадаси, Република Турција. По итна постапка и во координација со Владата, Фондот за здравствено осигурување и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), обезбеден е владин авион со кој пациентот утре ќе биде транспортиран во земјава“, соопшти Министерството.
За време на транспортот, пациентот ќе биде придружуван од специјализиран медицински тим од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), при што, како што велат од Министерството, се обезбедени сите неопходни услови за безбеден медицински транспорт.
„По пристигнувањето во Скопје, пациентот ќе биде преземен од тимот за спинална хирургија на Клиниката, каде што веднаш ќе биде хоспитализиран и ќе му биде обезбедено натамошно специјалистичко лекување, медицинска нега и соодветна рехабилитација. Грижата за здравјето и безбедноста на секој пациент останува наш највисок приоритет. Надлежните институции продолжуваат посветено и координирано да обезбедуваат навремена и соодветна здравствена помош секогаш кога тоа е потребно“, велат од Министерството.
Текстот Македонец во Кушадаси сериозно ги повредил вратните пршлени, со владиниот авион ќе биде пренесен во Скопје е превземен од МАКФАКС.





















