Културниот и едукативен центар ЛАБОРАТОРИУМ го започнува новиот проект „ЛИФТ“, културна иницијатива насочена кон развој и поддршка на младата публика и независната музичка сцена преку едукативни и креативни програми.

Првата активност во рамките на проектот се бесплатни музички работилници посветени на тереминот, првиот електронски музички инструмент во историјата и еден од најнеобичните инструменти во светот. Создаден пред повеќе од еден век, тереминот е единствен по тоа што се свири без физички допир. Музиката се создава преку движењето на рацете во неговото електромагнетно поле, што го прави овој инструмент подеднакво привлечен за музичари, уметници и сите љубопитни истражувачи на звукот.

Во периодот од 19 август до 02 септември, во Лабораториум ќе се реализираат четири музички работилници, на кои учесниците ќе се запознаат со основите на свирење на теремин, неговите звучни можности и креативниот потенцијал. Работилниците ќе ги води Ива Дамјановски, која преку практична и интерактивна работа ќе ги воведе учесниците во светот на овој уникатен инструмент. Ива Дамјановски е пијанистка, композиторка и музиколог, магистер по музикологија на Универзитетот во Тренто, Италија и по музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје. Таа е член на музичкиот состав Алембик и авторка на музика за филм, театар и мултимедијални проекти, како и на повеќе научни трудови и поетски книги.

Проектот „ЛИФТ“ има за цел да ги доближи младите до независната музичка сцена преку едукација, истражување и практично искуство. Преку работилници, презентации и концерти, иницијативата создава простор за откривање нови музички изрази, невообичаени инструменти и современи форми на музичко творештво.

Организаторите ги повикуваат сите млади креативци, музички ентузијасти и љубопитни истражувачи да се пријават за учество. Претходно музичко образование или искуство е добредојдено, но не е неопходно, доволни се интересот, љубопитноста и желбата за учење нови музички инструменти. Учеството на работилниците е бесплатно, а бројот на места е ограничен. Учесниците ќе бидат избрани по принципот „прв пријавен – прв услужен“. Пријавувањето е отворено до 15 август 2026 година преку следниот линк:

Линк за пријавување: https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSfxjUcj4HW10v87gdMowGS63HoFOX4U3qKRz_5PjPaNJvTrWA/viewform

Проектот „ЛИФТ“ е иницијатива на ЛАБОРАТОРИУМ, поддржана од Општина Центар.

Текстот „Лабораториум“ го почнува проектот „Лифт“ со бесплатни музички работилници за теремин е превземен од МАКФАКС.