Уставниот суд го извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска, не ја извршил одлуката со која беше утврдена повреда на нејзината слобода на јавно изразување на мислата.
Од Уставниот суд соопштија дека ова е првпат од неговото постоење да го примени новиот механизам за извршување на одлуките, предвиден со Актот на Судот кој е во сила од септември 2024 година.
Уставниот суд на 24 септември 2025 година утврдил дека на Стојановска ѝ биле повредени слободите и правата што се однесуваат на слободата на јавно изразување на мислата со две судски пресуди – на Основниот граѓански суд Скопје од 15 јуни 2022 година и на Апелациониот суд Скопје од 19 декември 2024 година.
На 22 мај годинава, нејзиниот полномошник, адвокатот Филип Медарски, го известил Уставниот суд дека одлуката не е земена предвид, бидејќи предлогот на Стојановска за повторување на постапката пред Основниот граѓански суд бил отфрлен.
По известувањето, уставните судии на работен состанок на 15 јули, со мнозинство гласови, одлучиле да донесат посебно решение со кое ќе утврдат дека одлуката не е извршена. Решението било донесено на седницата на 22 јули, по увид во решението од 4 мај 2026 година на судијата од Основниот граѓански суд кој постапувал во предметот.
Според Уставниот суд, првостепениот суд се повикал на Законот за парничната постапка и навел дека одлука на Уставниот суд не може да претставува основ за повторување на постапката како нов факт или доказ.
Меѓутоа, Уставниот суд оценил дека првостепениот суд пропуштил да ги земе предвид уставно утврдените правни карактеристики и правното дејство на одлуките на Уставниот суд – нивната конечност, извршност и општа задолжителност.
„Со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд“, се наведува во соопштението.
Од Судот посочуваат и дека во Основниот граѓански суд веќе постоела практика одлуките на Уставниот суд за заштита на слободите и правата да бидат земани предвид. Како пример го наведуваат предметот МАЛВП-705/20, во кој одлука на Уставниот суд била прифатена како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката. Таквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје.
Оттука, Уставниот суд оценил дека во случајот на Наташа Стојановска, Основниот граѓански суд не овозможил остварување на нејзините уставни слободи и права, иако тие претходно биле утврдени со одлука на Уставниот суд.
Од Уставниот суд нагласуваат дека конечноста и извршноста на неговите одлуки се заштитени и со кривично-правни санкции во случај на нивно неизвршување. Прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице е во надлежност на Јавното обвинителство и надлежниот суд.
Предметот на Стојановска се однесува на настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Таа, како акредитирана новинарка на телевизија „24 Вести“, била во Собранието за да известува за изборот на нов претседател на законодавниот дом. По насилниот упад била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја извршува новинарската задача, а според одлуката на Уставниот суд, надлежните државни органи не ѝ обезбедиле соодветна заштита.
Текстот Уставен го извести Обвинителството: Судија од Граѓанскиот суд не извршил одлука за новинарката Наташа Стојановска е превземен од МАКФАКС.


















