Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот профил на Фејсбук најави започнување на граѓанско движење под името „Национален минимум“, кое, според него, има за цел да ги обедини граѓаните без оглед на нивната политичка припадност.

Во објавата, Велковски упатува повик до граѓаните во Македонија и до Македонците во дијаспората за обединување околу, како што наведува, темелните државни и национални интереси.

Тој нагласува дека иницијативата не е поврзана со една политичка партија или поединец, туку ја претставува како широко граѓанско движење отворено за луѓе со различни политички убедувања.

Велковски во својата објава наведува:

„Почитувани граѓани на Македонија, почитувани сонародници во дијаспората!
Денес го започнуваме најголемото граѓанско движење за национално обединување – „Национален минимум“.
Ова не е движење на една партија, ова не е движење на еден човек, ова е големо граѓанско движење на сите чесни граѓани кои веруваат дека Македонија заслужува подобра иднина.

Предолго нè делеа.
Предолго нè убедуваа дека сме противници затоа што сме во различни политички партии.

Предолго партиските интереси беа поважни од државните интереси.
Доста беше!

Дојде време да го изградиме најголемото граѓанско движење кое ќе ги обедини сите што ја сакаат Македонија.
Не нè интересира дали вчера сте биле член или поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ДУИ, ВЛЕН или во која било друга политичка партија.
Нè интересира само едно:
Дали ја сакаш Македонија?
Ако одговорот е ,,ДА”, тогаш ова големо граѓанско движење е и твое.

„Национален минимум“ ги отвора вратите за секој чесен човек.
За работникот, за земјоделецот, за лекарот, за професорот, за инженерот, за студентот, за пензионерот, за претприемачот, за спортистот, за уметникот и за секој лојален граѓанин што верува во иднината на оваа држава и особено за нашите браќа и сестри во дијаспората, кои никогаш не престанаа да ја носат Македонија во своето срце.

Ова големо граѓанско движење ќе биде местото каде што различните политички убедувања нема да бидат пречка, туку сила за заедничка работа во интерес на државата.
Нашата цел е да создадеме ,,национален минимум”– темелни државни и национални интереси околу кои ќе се обединиме сите.

Да покажеме дека Македонија е над секоја партија, дека државата е над секоја функција и дека народот е над секој личен интерес.

Веруваме дека токму ова големо граѓанско движење ќе прерасне во најсилната народна организација во Македонија и ќе биде симбол на државно единство.

Нашата најголема победа ќе биде ако се обедини народот и сите граѓани што искрено ја сакаат Македонија.
Историјата не ја менуваат оние што чекаат.
Историјата ја менуваат оние што се осмелуваат да се обединат.
Затоа денес ве повикуваме:
Да ги оставиме поделбите зад нас, да изградиме доверба, да изградиме единство.
Да се обединиме!
Да изградиме Национален минимум!
Да го создадеме најголемо граѓанско движење во историјата на независна Македонија!
Да живее Македонија“