На стотици илјади луѓе во југозападна Јапонија им беше наредено да се евакуираат, а повеќе од 500 летови беа откажани денес поради приближувањето на тајфунот Делфин, кој носи силни ветрови, обилни дождови и високи бранови. Властите наредија евакуација на речиси 260.000 жители во областите Кагошима и Окинава, додека Тојота ги прекина операциите во девет фабрики.

Властите очекуваат тајфунот Делфин да ја задржи својата сила додека се приближува кон Окинава, зголемувајќи го ризикот од ветрови што би можеле да оштетат или урнат некои згради. Исто така, може да се формира линеарен појас од дожд, или тесен појас од интензивни врнежи од дожд и грмотевици, што би можело да предизвика поплави, предупреди Јапонската метеоролошка агенција (JMA).

Налети на ветер од речиси 200 километри на час
Тајфунот од категорија 1 имаше максимална брзина на ветерот од 144 километри на час, со налети до 198 километри на час. Се приближуваше кон островскиот ланец помеѓу регионот Кјушу и префектурата Окинава, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.

Бурата, исто така, погоди голем дел од Кјушу, најјужниот од четирите главни острови во Јапонија. Силни ветрови ја погодија и префектурата Кумамото, која сè уште се опоравува од земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала од минатата недела.

Околу 6.700 жители на Кумамото сè уште се во центри за евакуација откако се урнаа бројни куќи. Метеоролошката агенција, исто така, предупреди на ризикот од топлотен удар, бидејќи се очекуваат температури до 36 степени Целзиусови.

Текстот (Видео) Јапонија нареди евакуација на стотици илјади луѓе поради тајфунот Делфин е превземен од МАКФАКС.