Општина Аеродром продолжува со инвестиции за подобрување на условите за работа на Јавното претпријатие, со набавка на нова механизација и работна опрема, чија вкупна вредност изнесува околу 2,5 милиони денари. Тоа ќе придонесе за поефикасно и поквалитетно одржување на јавните зелени и јавни површини.
Во рамките на набавката е обезбедена современа механизација за косење, кастрење и одржување на зеленилото, и тоа тримери, моторни косилки, мулчери, телескопски пили и дувалки за лисја. Истовремено, за сите вработени во Јавното претпријатие се набавени нови работни униформи и заштитна опрема, со што значително се подобруваат безбедноста и условите за работа на терен.
„Грижата за јавните површини започнува со грижата за луѓето што секојдневно работат на нивно одржување. Со оваа инвестиција обезбедуваме современа опрема и подобри услови за работа, што директно ќе се одрази врз квалитетот и ефикасноста на услугите што ги добиваат граѓаните. Ќе продолжиме да инвестираме во модернизација на Јавното претпријатие и во јакнење на неговите капацитети, затоа што чиста, уредена и зелена општина е наш приоритет“, истакна градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на промоцијата на новата механизација.
Општина Аеродром останува посветена на континуирано вложување во модернизација на јавните служби, со цел обезбедување почиста, поуредена и поквалитетна животна средина за сите граѓани.
Текстот Аеродром: Нова механизација и опрема за поефикасно одржување на јавните површини е превземен од МАКФАКС.


















