Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по повеќе од 30 години конечно се создадени услови за реализација на источниот дел од железничкиот Коридор 8, оценувајќи дека проектот сега има затворена финансиска конструкција и јасна перспектива за поврзување со Бугарија.
Тој посочи дека денеска, за разлика од јуни 2024 година, постои договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел, како и обврски од двете страни за модернизација на железничката инфраструктура.
„Повеќе од 30 години чекавме тоа што некогаш некој ни го најавуваше конечно оваа Влада да го затвори како проект и како финансиска конструкција“, рече Мицкоски.
Според него, претходната концепција предвидувала изградба на железница што би завршувала „на половина тунел“, без јасна определба од бугарска страна за продолжување на проектот.
„Сега имаме целина која ќе ги поврзе двете држави и која ќе значи додадена вредност за двете земји“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека прекуграничниот тунел се очекува целосно да биде финансиран со грант од Европската комисија, додека третата секција ќе се реализира со поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Инвестициската рамка за Западен Балкан, преку грант од 169 милиони евра.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со реализацијата на Коридорот 8, вклучително и модернизација и електрификација на железничката делница Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар, додека за делницата Гостивар – Кичево – Струга – граница со Албанија ќе се постапува согласно препораките на УНЕСКО.
Тој изрази очекување тендерската постапка за третата секција да заврши до крајот на годинава, а изградбата да започне уште во текот на 2026 година. Според него, проектот ќе има позитивни ефекти врз градежниот сектор и врз македонската економија.
Текстот Мицкоски: 30 години чекавме да се заврши железницата кон Бугарија, конечно оваа Влада го затвори ова прашање како проект и финансиска конструкција е превземен од МАКФАКС.


















