Во белградската населба Звездара, ноќеска околу 3 часот одекнала силна експлозија, откако засега непознато лице фрлило експлозивна направа, дознава „Телеграф.рс“.

Според првичните информации од теренот, најверојатно станува збор за рачна бомба М-75.

Полицијата на местото на инцидентот разговарала со А.О. (24), жител на зградата пред која се случила експлозијата, кој и претходно бил евидентиран во полициските досиеја и бил осудуван.

Тој во изјава за полицијата рекол дека се сомнева оти бомбата била наменета токму за него и дека била фрлена директно кон неговата тераса. Како што објаснил, направата се одбила од терасата и паднала на тротоарот меѓу паркираните автомобили, каде што експлодирала.

Како што дознава медиумот, младиот човек навел и дека пред само еден месец му бил запален автомобилот, поради што верува дека повторно се нашол на мета на истите напаѓачи.

Од силната детонација е причинета голема материјална штета на околните објекти и на паркираните автомобили.

Покрај трите оштетени возила, во експлозијата биле оштетени и блиските локали, на кои се искршени излозите, а видливи оштетувања има и на фасадата, како и на влезната врата од соседната зграда.

Најважно е што во силната експлозија нема повредени лица.

Полицијата и надлежното обвинителство интензивно работат на расветлување на сите околности на случајот, како и на идентификација и пронаоѓање на лицето кое ја фрлило бомбата.

Текстот Рачна бомба експлодирала пред зграда во Белград – оштетени автомобили и локали е превземен од МАКФАКС.