Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот профил на Фејсбук побара од надлежните институции јавно да објаснат какви материјали се транспортираат од просторот на поранешната топилница во Велес до локација во Антверпен, Белгија.
Според наводите изнесени во неговата објава, материјалите наводно завршуваат на адресата „Adolf Greinerstraat 14, 2660 Antwerpen, Belgija“, каде, како што посочува Велковски, се наоѓа современа топилница.
Тој упати повеќе прашања до премиерот, Министерството за енергетика и Царинската управа, барајќи информации за потеклото, количината, вредноста и документацијата поврзана со транспортот.
Во објавата Велковски наведува:
„ПРЕМИЕРЕ, ЌЕ ЈА ПОСЕТИТЕ ЛИ АДРЕСАТА КАДЕ ЗАВРШУВА МАТЕРИЈАЛОТ ОД ВЕЛЕС?
Adolf Greinerstraat 14, 2660 Antwerpen,Belgija
До јавноста пристигнаа информации и докази дека материјали од просторот на поранешната топилница во Велес се транспортираат до оваа локација во Белгија – најсовремена топилница во светот.
Затоа поставуваме јасни прашања:
– Премиере, при вашата најавена екскурзија на Белгија — ќе ја посетите ли оваа адреса?
– Ќе побарате ли одговори за потеклото, количината и вредноста на материјалите што заминуваат од Велес?
– Ќе излезат ли министерката за енергетика и директорот на Царинската управа со јавно објаснување за документацијата, дозволите и контролите при транспортот?
По децении последици од работата на топилницата, граѓаните имаат право да знаат што се изнесува од нивниот град, од нашата држава, каде завршува и кој одлучува за тоа.
Вредноста на само еден камион од конвојот достигнува вредност од околу еден милион евра………
Ако сè е законски и транспарентно — нека се покажат документите пред јавноста.
-Или ова ќе треба да биде работа за ЕУРОПОЛ ,ИНТЕРПОЛ и нашето МВР.“
До објавувањето на текстот нема јавно соопштена реакција од Владата, Министерството за енергетика, Царинската управа или Министерството за внатрешни работи во однос на прашањата што ги поставува Велковски.


















