Дваесетина помали пожари на отворен простор биле регистрирани во текот на денешниот ден, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Тој посочи дека благодарение на брзата реакција на локалните противпожарни екипи, пожарите се изгаснати или ставени под контрола.

„Во текот на денешниот ден досега имавме 20-тина помали пожари на отворен простор. Благодарение на брзиот почетен одговор на локалните пожарникари, овие пожари се изгаснати или ставени под контрола. Во овој момент имаме активни само неколку помали пожари. Очекувам во наредниот период истите да бидат ставени под контрола, а потоа и изгаснати“, изјави Ангелов.

Како пожар кој предизвикал најголемо внимание кај граѓаните го посочи огнот на територијата на Општина Струга. Според него, таму биле регистрирани два пожари на отворен простор, од кои едниот е целосно изгаснат, а другиот е ставен под целосна контрола и се очекува наскоро да биде ликвидиран.

„Пожар којшто беше видлив од подалеку и предизвика одредена вознемиреност кај граѓаните е пожарот на територијата на општина Струга. Конкретно, имавме два пожари на отворен простор. Едниот е целосно изгаснат, вториот е ставен под целосна контрола. Очекувам набргу да биде изгаснат“, рече Ангелов.

Тој додаде дека денеска немало потреба од ангажирање на воздухопловите што се на располагање за гасење пожари.

„Во текот на денешниот ден немаше побарување за ангажман на воздухопловите коишто ги имаме на располагање за гасење на пожари“, информираше директорот на ДЗС.

Како карактеристика на денешните интервенции Ангелов ги посочи пожарите на депонии и диви ѓубришта.

„Карактеристично е тоа што имавме пожари на неколку депонии и диви ѓубришта“, додаде Ангелов.

Владата пред два дена прогласи кризна состојба на целата територија на Македонија поради зголемените ризици и опасности од пожари на отворен простор и шумски пожари. Одлуката важи 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година.

Како што беше соопштено, целта на прогласувањето кризна состојба е навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата на терен, како и целосно мобилизирање на расположливите институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.

Текстот Ангелов: Дваесетина пожари на отворен простор во текот на денот, активни се само неколку помали е превземен од МАКФАКС.