Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека благодарение на ефикасната работа на полициите на Шпанија и Мароко, најголемиот дел од мигрантите кои нелегално влегле во шпанската енклава Сеута се вратени назад во Мароко.

Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс напиша дека разговарала со европскиот комесар за миграции Магнус Брунер и комесарката за Медитеранот Дубравка Шуица за состојбата во малата шпанска енклава во Северна Африка.

„Добрата вест е дека огромното мнозинство од оние кои нелегално пристигнаа се вратија во Мароко, поради ефикасната работа на шпанската и мароканската полиција. Ниту едно лице не стигна до континенталниот дел на Шпанија, ниту до друга земја на Европската унија“, наведе Фон дер Лајен.

Таа оцени дека случувањата во Сеута ја покажуваат важноста на контролата на надворешните граници на ЕУ, додавајќи дека Унијата има силен систем, но дека тој мора дополнително да се зајакне.

„Мораме да останеме внимателни на секоја критична влезна точка и да одржуваме тесна координација меѓу сите власти“, порача претседателката на Европската комисија.

Фон дер Лајен додаде дека добила писма од повеќе лидери на земји членки на ЕУ и го поздрави повикот за одржување итна видеоконференција за состојбата во Сеута.

„Борбата против нелегалната миграција бара солидарност и единствен европски одговор“, истакна таа.

Дваесет и двајца лидери на земји членки на ЕУ претходно побараа координиран одговор за заштита на надворешните граници на Унијата и итен состанок поради масовниот упад на мигранти во шпанската енклава.

Во меѓувреме, британскиот премиер Енди Бернам телефонски разговарал со шпанскиот премиер Педро Санчез и понудил помош поради мигрантската криза во Сеута. „Во контакт сум со шпанскиот премиер и ја нудиме целата помош што можеме“, изјавил Бернам.

Текстот Фон дер Лајен: Повеќето мигранти што влегоа во Сеута се вратени во Мароко е превземен од МАКФАКС.