Првичните резултати за пената во Вардар, доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање, од Град Скопје, се во границите на дозволеното, а конечните анализи се очекуваат на 4 август

„Во врска со регистрираната појава на бела отпадна пена во реката Вардар кај вливот на реката Лепенец на 24 јули 2026 година, Државниот инспекторат за животна средина, во координација со сите надлежни институции, веднаш презеде серија вонредни теренски и лабораториски активности. Инспекторите на ДИЖС спроведоа вонредни инспекциски надзори кај индустриските субјекти во зоната кои се под државна надлежност. При надзорите не беа евидентирани законски нерегуларности, односно субјектите постапувале согласно пропишаните услови во еколошките дозволи за управување со отпадните води“, соопшти Министерството.

Од таму велат дека важно е да се напомене дека квалитетот на водите во овој појас е под влијание на повеќе различни фактори, вклучувајќи ги комуналните и атмосферските води, како и активноста на бројните деловни субјекти во околината, поради што сите надлежни органи дејствуваат координирано.

„Со цел прецизно утврдување на состојбата, ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје изврши земање мостри од водата на спорната локација и до Министерството за животна средина и просторно планирање го достави прелиминарниот извештај од 29 јули, според кој анализираните физичко-хемиски параметри на примерокот не ги надминуваат граничните вредности за испуштање во површински води“, се наведува во соопштението.

Дополнително, по барање на ДИЖС, земени се мостри и од акредитирана лабораторија, чиј финализиран извештај ќе биде доставен до Инспекторатот и до Министерството за животна средина и просторно планирање во вторник, 4 август, по што јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за конечните резултати.

Текстот Првичните резултати за пената во Вардар во границите на дозволеното, конечните анализи се очекуваат на 4 август е превземен од МАКФАКС.