ЈП Паркинзи на Општина Центар официјално ја отвори новата канцеларија за грижа за корисници.
Во рамки на инвестицијата е изведен целосно нов и модерен ентериер, воведен е современ административен систем за управување со редот на чекање преку автоматско издавање бројчиња, набавени се нови специјализирани скенери за обработка и дигитализација на документацијата и нова информатичка опрема, а инсталирани се и системи за видео надзор и алармна заштита.
„Денес не отвораме само нова канцеларија – отвораме нов начин на комуникација со нашите корисници. Тука ќе доаѓаат граѓаните кога им е потребна информација, кога склучуваат договори, поднесуваат барања или кога им е потребна поддршка за прашања поврзани со работењето на претпријатието. Со оваа инвестиција воспоставуваме повисок стандард во односот кон корисниците. Современата опрема и новите административни решенија ќе овозможат побрза и поефикасна услуга, поедноставни работни процеси и подобро корисничко искуство. Инвестираме во современи услови затоа што веруваме дека зад секоја добра јавна услуга стои добро организиран систем и професионален однос кон секој корисник“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој истакна дека модерните јавни услуги започнуваат со квалитетен однос кон граѓаните.

„Отворањето на новата канцеларија за грижа за корисници е директно вложување во подобра и подостапна услуга за граѓаните. Корисниците отсега на едно место ќе можат побрзо и поедноставно да ги завршат своите обврски и да ја добијат потребната поддршка. Го поздравувам вложувањето на ЈП Паркинзи на Општина Центар во модернизација на условите и работните процеси, бидејќи токму преку вакви конкретни чекори се гради довербата и се унапредува квалитетот на јавните услуги“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Новата канцеларија е целосно реализирана со сопствени средства на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Текстот ЈП Паркинзи на Општина Центар отвори нова канцеларија за грижа за корисници е превземен од МАКФАКС.



















