Обвинителството донело одлука да му го врати пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби со тендерите во РЕК „Битола“, затоа што имал фирма во Србија чие работење било сериозно доведено во прашање.

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.06.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“, велат од јавното обвинителство.

Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнел став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот.

„Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата“, се наведува во соопштението.

Од Јавното обвинителство наведуваат дека сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани и дека во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот.

Текстот На Марковски му го вратиле пасошот зошто имал фирма во Србија чие работење било сериозно доведено во прашање е превземен од МАКФАКС.