Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
„Во фокусот на средбата беше неопходноста земјата што поскоро да го пронајде патот за продолжување на процесот на интеграција во Европската Унија. Ахмети истакна дека секое натамошно одложување на евроинтегративниот процес ја оддалечува земјата од европската перспектива, ги ослабува институциите и создава политичка, економска и општествена неизвесност“, соопштија од ДУИ.
Во соопштението се наведува дека Ахмети ја изразил својата сериозна загриженост поради, како што велат, континуираните удари врз Охридскиот рамковен договор и врз придобивките што ги гарантираат еднаквоста, меѓуетничката кохезија и стабилноста на државата.
„Тој нагласи дека Охридскиот рамковен договор е темел на мирот и демократското функционирање на државата, додека секое негово нарушување директно се одразува врз општата стабилност и меѓуетничките односи“, се наведува во соопштението.
На средбата се разговарало и за актуелните политички случувања, владеењето на правото, безбедноста и предизвиците со кои се соочува регионот.
Ахмети рекол дека меѓународните партнери треба јасно да го слушнат алармот за актуелните состојби во земјата.
„Европскиот пат и Охридскиот рамковен договор се двата столба врз кои почиваат стабилноста, демократијата и иднината на државата“, истакнал Ахмети.
Текстот Ахмети на средба со амбасадорката на Холандија: Европскиот пат и Охридскиот договор се темелите на иднината на државата е превземен од МАКФАКС.



















