„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума е селектиран во главната натпреварувачка програма за игран филм на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што ќе ја има својата европска премиера и ќе се натпреварува за престижното Срце на Сараево. Истовремено, филмот ја освои наградата „Камингс“ како победник во конкуренцијата „Во духот на слободата“ на 43. Филмски фестивал во Ерусалим.
Учеството во Сараево има посебна симболика за филмот. Токму на „CineLink Industry Days“, индустриската платформа на Сараевскиот филмски фестивал, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во 2022 година, додека сè уште беше проект во развој, ги освои наградите „Film Centre Serbia CineLink Award“ и „Female Voices CineLink Award“. Четири години подоцна, филмот се враќа во Сараево како завршено остварување и како еден од само деветте наслови во главната натпреварувачка програма за игран филм. Фестивалот ќе се одржи од 14 до 21 август 2026 година.
Наградата во Ерусалим ја додели жирито во состав Исак Заблоцки, Нир Бергман и Рони Абулафија. Во образложението, жирито го истакнува комплексниот портрет на женското растење во општествено и економски ограничувачка средина и начинот на кој филмот ги прикажува дискриминацијата, општествените очекувања и односите на моќ што ги обликуваат животите на младите жени.
Жирито посебно ги издвојува самоувереноста и чувствителноста со кои Дина Дума го гради светот на своите ликови, како и оригиналниот и нијансиран портрет поддржан од три исклучителни актерски изведби.
Во образложението се наведува и дека филмот пристапува кон тешките теми со простор за хумор, сочувство и животност, без да нуди едноставни одговори, создавајќи „прецизно и длабоко емотивно филмско искуство што останува со гледачот долго по проекцијата“.
Наградата во Ерусалим е најновото меѓународно признание за „Скејтбордингот не е за девојчиња“. Филмот ја имаше својата светска премиера на фестивалот Трајбека во Њујорк, каде што Дина Дума ја освои престижната награда „Нора Ефрон“.
Филмот ја следи приказната на сестрите Адела и Зара, кои растат во средина во која економската неизвесност, семејните околности и општествените правила сè повеќе ги ограничуваат нивните избори. Нивната блискост е ставена на тест кога традиционалните очекувања се закануваат да ги разделат. Преку нивната лична приказна, филмот отвора теми за женското растење, слободата, солидарноста и правото на сопствен избор.
Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимет Абдула.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Филмт е реализиран со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Продуценти на филмот се Лабина Митевска, Себастијан Делоа, Даниел Хочевар и Вања Сремац.
Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ годинава ќе биде двојно застапена на Сараевскиот филмски фестивал. Покрај „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во главната натпреварувачка програма, филмот „Мајка“ ќе биде прикажан во селекцијата „Во фокус“, каде што ќе ја има својата босанскохерцеговска премиера.
Текстот Европска премиера на „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума во Сараево е превземен од МАКФАКС.

















