Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности во рамки на претпоследната фаза од реконструкцијата на улицата „Ленинова“.

Во тек е поставување на втор слој асфалт на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до крстосницата со улицата „Илинденска“, во должина од 412 метри.

Се асфалтира и кружниот тек на крстосницата со улицата „Орце Николов“. Ова сообраќајно решение останува како трајно, бидејќи се покажа како успешно во намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Во рамки на досегашните активности, од двете страни на улицата се поставени нови пешачки патеки со вкупна должина од 825 метри. Подигнати и нивелирани се сите сливници и улични шахти, а поставени се и нови рабници. Паралелно се работи на реконструкција на постојната мрежа за јавно осветлување, додека во наредниот период е предвидено и поставување ново урбано зеленило, делумно во жардињери, соопштија од општината.

Реконструкцијата на вториот дел на „Ленинова“ го опфаќа потегот од булеварот „Партизански одреди“ до објектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во должина од над 600 метри.

„Со ова го заокружуваме уредувањето на улицата „Ленинова“ како една од клучните сообраќајници во општината. Општина Центар континуирано вложува во современа, безбедна и функционална инфраструктура, со цел побезбеден и поефикасен сообраќај за сите учесници“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.

Првиот дел од улицата беше реконструиран во 2023 година, од булеварот „Партизански одреди“ до „Клубот на пратеници“.

Текстот Герасимовски: Претпоследна фаза од реконструкцијата на „Ленинова“, асфалтиран и кружниот тек на крстосницата со „Орце Николов“ е превземен од МАКФАКС.