Американските напади врз Иран се привремено суспендирани со цел да им се даде уште една шанса на преговорите, изјави денес претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, предупредувајќи дека би можел да нареди продолжување на воените операции доколку дипломатските напори не дадат резултати.
Во интервју за „Аксиос“, Трамп рече дека сегашните преговори се насочени кон постигнување нов договор со кој би се отворил Ормускиот теснец и би се обновиле разговорите за сеопфатен договор за нуклеарната програма на Иран. Како што наведе, преговорите главно се водат меѓу Иран и Оман, додека Катар, Пакистан, Египет, како и претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, активно учествуваат во нив.
„Водиме многу сериозни разговори со Иран. Ако не успеат, ќе се вратиме со многу силни воени акции“, рече Трамп.
На прашањето колку време е подготвен да остави за дипломатија, американскиот претседател одговори дека „не многу“. „Или сè ќе се случи брзо или воопшто нема“, рече Трамп.
Тој изјави дека одлуката за привремено прекинување на нападите ја донел во петокот, на барање на земјите што посредуваат во преговорите.
„Сите вклучени во разговорите со Иран ме замолија да не наредувам напади“, рече Трамп, додавајќи дека верува оти Техеран е заинтересиран за постигнување договор.
Објаснувајќи ја својата одлука да го прифати барањето на медијаторот, Трамп рече дека „ниту добил, ниту изгубил ништо“. Според него, по прекинот на нападите, цените на нафтата паднале, додека индексите на берзата забележале раст.
Трамп, исто така, објави дека ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа во вторник, пренесува Танјуг.
„Ќе разговарам со Биби за фактот дека Иран досега ќе имаше нуклеарно оружје, а Израел ќе беше уништен, доколку јас не бев претседател“, рече Трамп.
Текстот Трамп: Да не бев претседател, Иран веќе ќе го имаше уништено Израел е превземен од МАКФАКС.
















