Доказите обезбедени во истрагата за организираната криминална група поврзана со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, позната во јавноста како случајот со нелегалниот ботокс, доведоа до отворање на нова истражна постапка против две лица.
Како што соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), првоосомничениот се товари за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, а второосомничениот за „примање поткуп“.
Според обвинителството, новата постапка е покрената по анализа на податоците извлечени од мобилни телефони одземени во рамки на претходната истрага за организираната криминална група.
Сомнежите се дека во декември 2025 година осомничена од предметот за нелегалниот ботокс му дала парична награда на стоматолог и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, за преку своето влијание да посредува кај претседателот на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствени работници од областа на стоматологијата.
Наводно, по ова посредување, кандидатката го положила стручниот испит, по што на сметката на првоосомничениот била извршена уплата како награда. Според досега обезбедените докази, дел од тие пари тој му ги предал на второосомничениот.
Во текот на денот двајцата осомничени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, а јавниот обвинител ќе предложи мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката.
Текстот Телефоните од аферата со ботоксот открија нов случај: стоматолог и претседател на испитна комисија осомничени дека местеле стручен испит за пари е превземен од МАКФАКС.




















