Водата во Гостивар од денеска може да се користи за технички потреби, како капење, перење, миење садови и одржување на домаќинството, но и понатаму не е дозволена за пиење и подготовка на храна, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одлуката е донесена по повеќекратни анализи на квалитетот на водата, кои покажале дека таа повеќе не е загадена со фекалии.
Хемискиот инженер Емилија Аневска од ЈП „Водовод“ Скопје изјави дека шест мостри земени од крајните потрошувачи во Гостивар три последователни дена не покажале присуство на колиформни бактерии. Таа додаде дека по засиленото хлорирање не е утврдено ниту присуство на трихалометани над дозволените граници.
Резултатите се доставени до Кризниот штаб и до Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежен орган.
За пиење, жителите и натаму ќе се снабдуваат со флаширана вода, чија дистрибуција продолжува и во наредните денови.
Текстот Три дена нема бактерии во водата во Гостивар, но се’ уште не е за пиење е превземен од МАКФАКС.




















