Месната заедница на село Дворци, населено место во Општина Пласница, известува дека водата во селото е санитарно неисправна за пиење.

Оваа констатација, се додава во соопштението е потврдена со Извештај од Центарот за јавно здравје Прилеп, кој утврдил дека водата не е здравствено исправна поради наод на бактерии од цревно потекло и не смее да се користи за пиење без претходно вриење од 10 минути.

„Микробиолошката анализа покажува дека примерокот не ги исполнува барањата за безбедност на водата за пиење. Во извештајот се евидентирани 34 cfu/100 ml вкупни колиформни бактерии и 3 cfu/100 ml Escherichia coli, што значи дека водата не е соодветна за пиење без претходно вриење.

Месната заедница на село Дворци со децении безуспешно бара од општинските власти да се приклучи на системот за водоснабдување Студенчица. Наместо чиста вода од Студенчица жителите користат вода преку дотраен водовод од планинска каптажа изграден во раните 1980ти од страна на ЈНА“.

За истото, информираат, Комисија за спречување и заштита од дискриминација има доставено Мислење на 10.12.2025 до Општина Пласница со препорака до општината во рок од 90 дена да започне дејствија за реализација на проект за обезбедување на чиста вода за пиење во село Дворци при Општина Пласница, наведувајќи дека во спротивно Комисијата ќе започне прекршочна постапка против Општина Пласница пред надлежен суд за прекршоци“, се истакнува во информацијата.

Текстот Пронајдени цревни бактерии: водата во Дворци, Општина Пласница, не е безбедна за пиење е превземен од МАКФАКС.