Македонскиот народен театар ја заокружи сезоната 2025/2026 со нови премиери, значајни награди и бројни меѓународни гостувања и ја одбележа 80 годишнината на театарот. Воедно и ја најавува новата сезона со премиера на претставата „Три сестри“.
Македонскиот народен театар новата сезона 2026/2027 ќе ја започне со премиерата на претставата „Три сестри“, според драмата на А.П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември.
Билетите за претпремиерната и премиерната изведба како и за првата изведба која е закажана за 5 октомври во продажба се достапни од денес, 24 јули, а публиката може навреме да ги обезбеди своите места и да биде дел од отворање на новата театарска сезона.
Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, е современо читање на еден од најзначајните драмски класици.
Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола.
Креативниот тим го сочинуваат: сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.
Со нова енергија, нови идеи и уште поголеми уметнички предизвици, Македонскиот народен театар продолжува да ја гради својата мисија – да создава врвна театарска уметност и креативност со културни вредности.
Македонскиот народен театар успешно ја заокружи сезоната 2025/2026 – година исполнета со амбициозни продукции, значајни копродукции, бројни гостувања, престижни признанија и силна меѓународна афирмација.
Истовремено, сцената на МНТ беше домаќин на еминентни театри и уметници од регионот, меѓу кои Црногорското народно позориште, Народното позориште Белград, Словенечкото народно гледалиште Марибор, Никшиќко позориште, како и повеќе независни продукции и авторски проекти.
Во текот на сезоната Македонскиот народен театар оствари бројни гостувања во Македонија и во странство, меѓу кои во Будимпешта, Дубровник, Врање, Пожаревац, Ќустендил, Струмица, Куманово, Велес, Прилеп, како и на други фестивали и сцени, успешно претставувајќи ја македонската театарска уметност пред домашната и меѓународната публика.
МНТ реализираше 12 премиерни проекти, кои понудија жанровска и естетска разновидност – од современа светска и домашна драматургија, преку танцови и музички сценски форми, до големи сценски спектакли и копродукциски проекти.
Публиката имаше можност да ги проследи премиерите на „Ангели во Америка – Среќна фантазија на национални теми, дел I: Милениумот наближува“, „Драга Јелена Сергеевна“, „Варвари“, сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, концертот „Уште ми фалиш“, „Син понеделник“, танцовата претстава „Диво месо“, „Страв и надеж“, „Западен експрес“, „BIVIR… BIVIR…“, мјузиклот „Као Какао“ и „Вонземјани“.
Сезоната ја одбележаа и бројни копродукции со домашни и меѓународни партнери, потврдувајќи ја уште еднаш определбата на Македонскиот народен театар за отворање нови авторски поетики, современи сценски изрази и регионална соработка.
Особено успешна беше фестивалската година. Претставите на МНТ освоија повеќе значајни награди во земјата и регионот. Претставата „Страв и надеж“ ја доби Гран при наградата за најдобра претстава во целина и наградата за најдобра музика на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Доделено беше и високото признание „Лауреат” на 17. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски” на истакнатиот уметник и првенец на МНТ – Игор Џамбазов. Претставата „Бог на колежот“ освои Гран при на фестивалот „Денови на комедијата“, а актерот Ѓорѓи Јолевски беше прогласен за најдобар актер. „Народен пратеник“ ја доби главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, додека актерите Тони Михајловски и Тања Кочовска беа наградени за своите актерски остварувања на два различни фестивала. МНТ доби тројна победа на „Бекстејџ“: „12“ – претстава на годината, Микиќ – најдобар актер и Џамбазов – со изјава на годината.
На фестивалот „Актерот на Европа“, Снежана Коневски-Руси ја доби наградата за најдобра сценска интерпретација за монодрамата „BIVIR… BIVIR…“.
Во текот на сезоната беа реализирани бројни дополнителни програмски активности – работилници, промоција на монографијата „Македонски народен театар 1945 –2025: Драма – приказни поголеми од времето“ и одбележување на 80 години од основањето на Македонскиот народен театар.
„Искрено ѝ се заблагодаруваме на публиката за довербата, на сите автори, актери, соработници, техничкиот и административниот тим, како и на институциите, партнерите и поддржувачите, кои беа дел од оваа успешна сезона. Се гледаме во новата театарска сезона 2026/2027“, велат од МНТ.
Текстот МНТ ја заокружи сезоната со 12 премиери, меѓународни гостувања и бројни признанија, следува „Три сестри“ е превземен од МАКФАКС.














