Центарот за управување со кризи (ЦУК) ја координира акцијата за снабдување на граѓаните на Гостивар со вода за пиење и техничка вода поради епидемијата што го зафати градот.

Во моментов на терен се распоредени четири цистерни со вода на повеќе локации во градот, а во текот на денот се очекува да пристигнат уште девет цистерни и еден камион со резервоар за вода од повеќе општини и од Армијата.

Според ЦУК, денес на располагање на граѓаните се ставени 100 тони вода за пиење и 78 тони техничка вода.

Дополнително, обезбедени се 60.000 литри флаширана вода од Министерството за локална самоуправа, како и еден шлеп со флаширана вода за пиење, донација од Општина Неготино.

Од Центарот за управување со кризи најавија дека ќе продолжат со координацијата на сите активности на терен и со следење на состојбата во соработка со надлежните институции, сѐ до нејзино целосно стабилизирање.

Текстот Распоредени цистерни со вода во Гостивар, во текот на денот пристигнуваат уште девет е превземен од МАКФАКС.