Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје, подарок од пријателска Индија и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Сиљановска-Давкова оцени дека бистата на Махатма Ганди, е израз на заемна почит и долгогодишно пријателство меѓу двете држави.

Според неа, Махатма Ганди, како апостол на ненасилството, остави универзално наследство што ги надминува националните граници, инспирирајќи генерации борци за слобода, правда и човеково достоинство.

Таа потсети дека гандиевската филозофија на ненасилство и правото на народите слободно да ја определуваат сопствената иднина се одразило и врз македонското историско искуство, преку мирното осамостојување во 1991 година.

Претседателката укажа на длабоката духовна поврзаност меѓу Махатма Ганди и Света Мајка Тереза, истакнувајќи дека токму во мултикултурно Скопје, градот во којшто се родила и израснала Мајка Тереза, се обликуваа вредностите што подоцна ќе ја одведат во нејзината хуманитарна мисија во Индија.

Таа укажа дека обајцата, преку личната скромност и посветеноста на најранливите, оставиле траен белег врз современата историја, промовирајќи ненасилство, верски плурализам и социјална правда.

„Нема посоодветен дом за бистата на таткото на современа Индија од родното место на Мајка Тереза, како траен симбол на заедничките хуманистички вредности што ги поврзуваат македонскиот и индискиот народ“, заклучи Сиљановска-Давкова.

Индиската претседателка Друпади Мурму смета дека во време во кое што се соочуваме денес, како конфликти, нетолеранција и поделба, гандиевата верба во дијалог, соочувство и мирен соживот остануваат и понатаму важни.

„Махатма Ганди припаѓаше на Индија, но неговата порака припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажува дека вистината, ненасилството, не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство“, рече претседателката на Република Индија, Друпади Мурму.

Според градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со поставувањето на бистата на Махатма Ганди, Скопје добива траен потсетник дека најголемите промени во светот започнуваат со почитта кон човекот, со силата на вистината и со вербата дека дијалогот секогаш е посилен од поделбите.

Претходно, претседателките ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза, каде што оддадоа почит на животот, делото и духовното наследство на светицата, чиишто универзални пораки за милосрдие, солидарност и грижа за човекот и денес одекнуваат ширум светот.

Текстот Индија ни подари биста на Махатма Ганди, поставена е во Музејот на Град Скопје е превземен од МАКФАКС.