ОЈО и Савевски ја ставија тајноста на истрагата над здравјето на граѓаните, реагираат од СДСМ.
„Случајот со труењето во Гостивар разоткрива опасен и неприфатлив преседан: Обвинителството и надлежните институции ја ставија бирократската процедура и наводната „тајност на истрагата“ над уставното право на граѓаните на безбедна животна средина и здравје.
Загадувањето на водата започнало уште на 25 јуни.
Наместо веднаш да реагираат, здравствените и инспекциските органи со недели молчеле и дозволиле граѓаните да конзумираат фекално загадена вода“.
Според опозициската партија, уште пострашно е што, како што велат, и покрај сознанијата дека водата е загадена, само неколку дена пред отворањето на истрагата, институциите јавно ја прогласиле водата за безбедна.
„Истрагата не е иницирана од здравствените институции, туку Основното јавно обвинителство морало да постапи по допрен глас.
Ова само по себе говори за целосен институционален колапс.
Најсериозниот проблем, меѓутоа, е однесувањето на Обвинителството.
Нивното инсистирање на “тајност на истрагата” како изговор за непреземање мерки за заштита на јавното здравје претставува опасна замена на тези.
Квалитетот на водата за пиење не е истражна тајна.
Тоа е јавно-здравствен факт кој во секој момент мора да биде познат на граѓаните.
Објавувањето на забрана за пиење на водата поради микробиолошки отстапувања апсолутно немаше никако да ја компромитира истрагата.
Наместо тоа, ОЈО тактизирало, а здравствените власти молчеле, дозволувајќи епидемијата да се прошири.
Резултатот е масовно труење со над 3.100 регистрирани пациенти“.
Сите кои учествувале во прикривање на информациите за квалитетот на водата, а потоа и во прикривање на доказите, како и оние кој имале индиции за загаденоста на водата а не превзеле ништо за превенција и заштита на здравјето на гостиварчани, потенцираат во СДСМ, мора да сносат не само морална, туку и кривична одговорност.
„Ова се однесува на целиот синџир на одговорност:
• Министерот за здравство
• Институтот за јавно здравје
• Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ)
• Локалните центри за јавно здравје
• Сите службени лица кои имале обврска да дејствуваат, а свесно не го сториле тоа.
Наместо да се кријат зад „тајност на истрагата“, овие институции и нивните раководители треба веднаш да понесат одговорност“.
Повикуваат на итни оставки од министерот за здравство, директорот на Институтот за јавно здравје, како и од сите одговорни лица во синџирот кои со своето непостапување и прикривање, како што наведуваат, директно придонеле за масовното труење на граѓаните на Гостивар.
За СДСМ, ставањето на формална процедура над човечкото здравје и живот е и правно и етички неприфатливо.
Здравствените институции, потенцираат од таму, немаат право да ја користат тајноста на истрагата на обвинителството како изговор за сопственото непостапување.
Текстот Оставки од министерот за здравство, директорот на ИЈЗ, и од сите одговорни за труењето во Гостивар, бара СДСМ е превземен од МАКФАКС.





















