Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, денес направи пресек на с è она што Владата го презема за унапредување на системот за социјална заштита. Како најзначајна измена го наведе целосното реформирање на наследениот системски проблем во начинот на функционирање на системот за социјална заштита со воведување ново софтверско решение за интегрирано администрирање на паричните права, социјалните услуги и јавните овластувања.

„Новиот систем им овозможува на стручните лица во центрите за социјална работа дигитализирана алатка за целосно следење на состојбата и ризиците на секое домаќинство. Со тоа се надминува досегашниот модел на поединечно администрирање и се воспоставува социјална политика заснована на реална проценка на потребите и ефикасна поддршка. Во тек е и преиспитување на условите за остварување на правото на гарантирана минимална помош и правото на социјална сигурност. Резултатите од оваа постапка ќе покажат дали постојат пропусти во законските решенија донесени од претходната власт, како и евентуални злоупотреби, врз основа на што ќе бидат подготвени соодветни законски измени. Паралелно се работи на воспоставување унифициран систем за проценка на попреченоста, а во финална фаза е и подготовката на Законот за вработување на лица со попреченост“, рече Арсова.

Изминатиов период склучени се над 80 управни договори со општини и лиценцирани даватели на социјални услуги за обезбедување услуги во домот и во заедницата и, како што уверува Арсова, континуирано се проширува мрежата на даватели на социјални услуги со цел унапредување на конкуренцијата и квалитетот на услугите.

Како завршени обврски Арсова ги наведе откочениот процес за полагање на стручниот испит за негуватели и воспитувачи, зголемување на пензиите за сите пензионери за 7.000 денари, а кажа дека во тек се активности за зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст.

„Предвидено е зголемување на капацитетот за дополнителни 3.515 деца на ниво на целата држава“, рече Арсова.

Спроведените реформи и реализираните мерки таа кажа дека се доказ за посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кон создавање поефикасен, поправеден и посоцијално одговорен систем.

Текстот (Видео) Арсова: Во финална фаза е законот за вработување лица со попреченост е превземен од МАКФАКС.