Образованието повторно е приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По години на хаос, доцнења и неизвесност, денес системот функционира навремено и во интерес на учениците и наставниците, изјави Емилија Ангелова, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Втора година по ред, учебниците за сите одделенија ги дочекаа учениците уште на првиот училишен ден. За разлика од претходните седум години, кога имаше учебни години без отпечатени учебници, денес над еден милион примероци се на училишните клупи, а набавени се по значително пониски цени, со што само во последните две години се заштедени околу 45 милиони денари. За првпат по седум години, учениците повторно добија учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански“, рече таа.

Паралелно со тоа, додаде Ангелова, Владата ја врати сигурноста и за наставниците.

„Со потпишаната спогодба со СОНК е обезбедено гарантирано зголемување на платите во следните четири години од 40 до 60 проценти, зависно од инфлацијата. Само во првите две години платите се зголемени за повеќе од 20 проценти. За разлика од минатото, кога платите се покачуваа исклучиво пред избори и никој не знаеше колку ќе изнесува покачувањето, денес постои јасен и предвидлив систем кој го вреднува трудот на наставниот кадар“, рече Ангелова.

Дополнително, додаде таа, за првпат е овозможен кариерен напредок и за наставниците и стручните соработници во средното образование преку избор во звања ментор и советник.

„Посебно внимание е посветено и на инклузивното образование. Додека во времето на СДС и ДУИ имаше околу 800 образовни асистенти само во основното образование, денес има 1.350 во основните училишта и за првпат 150 асистенти во средното образование. Истовремено се модернизира и образовниот процес. Над 160 училишта се опремени со современа ИТ опрема, дигитализирани се сите услуги за учениците и студентите, административниот товар на наставниците е значително намален со новиот електронски дневник, воведени се електронски свидетелства, а за првпат во образованието се воведуваат и насоки за етичка примена на вештачката интелигенција, со обучени повеќе од 1.000 наставници. Само во првата година од мандатот се инвестирани над 70 милиони евра во нови училишта, спортски сали, реконструкции и проширување на образовната инфраструктура, што претставува повеќекратно вложување споредено со периодот на власт на СДС“, рече Ангелова.

Текстот (Видео) Ангелова: ВМРО-ДПМНЕ го враќа достоинството и квалитетот во образованието е превземен од МАКФАКС.