САД вечерва започнаа нов бран воздушни напади против Иран, шеста ноќ по ред, објави американската војска.

Нападите започнаа во 20:00 часот по македонско време, а нивната цел е „дополнително да ги ослабат воените капацитети на Иран“, објави Централната команда на американската армија (CENTCOM) на платформата X.

Островот Кешм и Бандар Абас се погодени
Иранските државни медиуми објавија дека американските ракети го погодиле подрачјето на островот Кешм, кој се наоѓа покрај Ормускиот теснец, и неколку локации во Бандар Абас, најголемото пристаниште во Иран и важно упориште на иранската морнарица и Револуционерната гарда.

Напади беа пријавени и во Бушер, градот каде што се наоѓа единствената нуклеарна централа во Иран. Досега нема потврда дека самата електрана е погодена, ниту пак непосредни податоци за штетите и жртвите во последниот бран напади.

Судирите избувнаа на 7 јули
Судирите меѓу Вашингтон и Техеран повторно се разгореа на 7 јули, по иранските напади врз бродовите што пловат низ Ормускиот теснец. Потоа САД повторно воспоставија поморска блокада на иранските пристаништа и започнаа секојдневни напади врз иранските воени позиции, особено по должината на јужниот брег и теснецот.

Иран одговори со ракетни и напади со дронови врз американските воени бази во соседните земји. Техеран денес објави дека нападнале воени цели во Јордан, Кувајт и Бахреин, земји каде што се стационирани американските сили. Немаше непосредна потврда за големи штети или жртви.

Ормускиот теснец е речиси блокиран
Борбите повторно речиси целосно го запреа сообраќајот во Ормускиот теснец, клучен превозен пат за глобалниот извоз на нафта и гас. Иран инсистира бродовите да минуваат низ коридор по должината на неговиот брег, додека Вашингтон се обидува да ги пренасочи поблиску до брегот на Оман.

Текстот Новите американски напади врз Иран продолжуваат шеста ноќ по ред е превземен од МАКФАКС.