Од 16 до 18 јули, Битола ќе живее со звуците на уникатниот музички фестивал, спој на традиција, емоција, богатство на музички влијанија, обичаи, мултикултуралност, преку еден од ретките фестивали во регионов кој сѐ уште, успешно опстојува 20 години со истиот концепт како во своите почетоци, Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“.
На 17.јули настапуваат „Скопје Виа“, новата музичка сензација на овие простори. Етно акустичен состав со препознатлив џипси џез звук. Се работи за група која го спојува традиционалниот џипси џез со современиот урбан звук, создавајќи автентична музика што ја освојува публиката.
Минатата година ја промовираа својата прва авторска песна ,,Под ова небо”. Оваа уникатна комбинира и театарска експресија и современ балкански звук. Членови на групата се: актерката Јана Стојановска – вокал, Мишел Трајковски – хармоника, Хилми Баки – виолина, Никола Петрушевски – кларинет, Влатко Пате– ударни инструменти, Кирил Златановски – контрабас, Ташко Грујоски – гитара и Васил Потиров – гитара.
Фестивалот се одржува на јавни простори и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на Бит фест.
Текстот „Скопје Виа“ на 17. јули на „Локум фест“ во Битола е превземен од МАКФАКС.















